Огласи28 мај 20263 мин читање

Како да направите добри фотографии од станот за вашиот оглас

Добриот оглас започнува со добри фотографии. Откриј како со едноставни чекори можеш да го претставиш твојот стан на најдобар можен начин и да привлечеш повеќе заинтересирани купувачи или станари.

Светла и уредно поставена дневна соба подготвена за фотографирање за оглас на стан

Евгенија

Фотографиите што ги поставуваш на твојот оглас играат една од клучните улоги за привлекување внимание и интерес. Слободно може да кажеме дека првиот впечаток за вашиот стан доаѓа преку фотографиите. Дури и добар стан може да остане незабележан доколку фотографиите се темни, неуредни или направени без внимание. Изразот дека луѓето купуваат најмногу со очите не е далеку од вистината.

Кога ќе се појави огласот, сите најпрво ги гледаат фотографиите. Доколку вашите фотографии се добри, тие ќе привлечат и повеќе луѓе кои ќе го отворат огласот. Тоа ги зголемува шансите за побрзо наоѓање на заинтерсиран купувач, а со тоа и побрзо издавање/продавање на станот.

Во продолжение, ви даваме неколку совети како да направите добри фотографии од вашиот стан:

1. Користете природна светлина

Природната светлина ви е најдобар пријател. Затоа, отворете ги ролетните и тргнете ги завесите пред да фотографирате. На ќошевите и потемните делови од станот до кои не допира светлината од прозорците, може да вклучите светла или лампи. Исто така, не заборавајте да го исклучите блицот пред да фотографирате.

2. Поставете ја камерата хоризонтално

Хоризонталната позиција е најидеална бидејќи повеќето платформи ги прикажуваат фотографиите во широк формат, па на овој начин се овозможува подобра композиција и прегледност на просторот.

3. Држете ја камерата на ниво на очи

Најдобро е камерата да ја држите на ниво на очите или градите. Избегнувајте да фотографирате од премногу висок или низок агол, затоа што тоа може да ги искриви ѕидовите и пропорциите на просторот. Исто така избегнувајте многу широк агол, бидејќи тоа може да создаде нереална слика за просторот и тој да изледа поголем отколку што е.

4. Фотографирајте од агол или од влезот на просторијата

На овој начин ќе опфатите поголем дел од просторијата и полесно ќе се прикаже распоредот на мебелот и просторот. Исто така, се добива и реална претстава за големината и функционалноста на собата.

Дневна соба фотографирана од агол на влезот, со видлив распоред на мебелот и природна светлина

5. Обратете внимание на редоследот на фотографиите

Организирајте ги фотографиите како вистинска прошетка низ просторот: тие треба да остават чувство како личноста навистина да го разгледува станот. Затоа, најдобро е да бидат подредени по истиот редослед по кој некој би се движел низ просториите. Започнете со влезот на зградата, па продолжете со ходникот, дневната соба, кујната, спалните соби, бањата, и на крај балконот.

6. Прикажете ги деталите што го прават станот посебен

Додадете неколку фотографии од детали што се издвојуваат во станот и го прават уникатен. Тоа може да биде погледот од прозорците, убаво уредена кујна, интересни елементи од ентериерот и сл.

Уредно средена кујна со светли површини и природна светлина како пример за фотографирање детал од стан

7. Раскренете го нередот

Отстранете ги сите непотребни предмети во домот, кои ќе допринесат за визуелен хаос на фотографиите. Исчистете ги површините, испразнете ги кантите за отпадоци, наместете ги уредно креветите, спуштете го капакот од тоалетната школка, скријте ги личните предмети. Ова се мали нешта кои можат многу лесно да го нарушат впечатокот на оној кој разгледува, па затоа обрнете им внимание.

8. Додајте топлина во станот

На масата може да поставите чинија со овошје, нови чисти крпи во тоалетот, свежо цвеќе во вазна, или растенија на балконот. Овие детали ќе придонесат станот да изгледа попријатно и да асоцира на дом.

Маса со чинија со овошје и свежо цвеќе во вазна — детали кои додаваат топлина во дневната соба

Што треба да избегнувате?

  • Премногу зумирање
  • Објавување на матни фотографии
  • Користење филтри
  • Фотографирање навечер
  • Мал број на фотографии

Добрите фотографии помагаат да се добие добар прв впечаток. Тие се првиот чекор во успешно претставување на вашиот стан. За добри фотографии не треба да имате професионална камера – доволен е и вашиот телефон, и тие ќе придонесат за успешен оглас, доколку се држите до советите што ви ги дадовме погоре. Потребно е само малку труд за создадете оглас кој ќе биде атрактивен и ќе допре до поголем број заинтерсирани луѓе, а добрите фотографии несомнено се важен фактор за тоа.

ФотографирањеОгласиСтанКиријаИзнајмувањеСовети

Сподели ја статијата

Станче

Пронајди стан со Станче

Добивај огласи веднаш, филтрирај по локација и цена.

Повеќе од Станче